Повеќето сајтови за ресторани почнуваат со голема слика од внатрешноста и текст „добредојдовте во нашиот ресторан со долгогодишна традиција“.
Гостинот што го отворил сајтот во седум навечер не бара традиција. Бара мени, цени и работно време — и ако не ги најде за десет секунди, оди на друг.
Менито — најважната страница
Како текст, не како слика. Скенирано мени во PDF не се чита на телефон, не се пребарува, и Google не знае што служите. Изгубени сте за секој што пребарува „ќебапи Штип“.
Со цени. Мени без цени значи дека гостинот мора да се јави за да прашa — а повеќето нема да се јават. Ќе одат таму каде цената пишува.
Ажурирано. Јадење што го нема веќе шест месеци, а стои на сајтот, создава разочарување уште пред доаѓањето.
Работно време што се гледа веднаш
На почетната страница, не закопано во „Контакт“. И со празниците — сајт што вели „отворено до 23“ на Велигден кога сте затворени, носи луѓе што ќе најдат затворена врата.
Мапата и телефонот
Телефонскиот број мора да е кликабилен — на телефон, допир значи повик. Адресата поврзана со мапа, не само текст.
Звучи ситно, но тоа се двете најкликнати работи на секој сајт за ресторан.
Резервации
Ако примате резервации, дајте форма — име, телефон, датум, час, број на гости. Ништо повеќе.
Формуларот работи и во два по полноќ, кога никој не се јавува на телефон. Тоа е разликата.
Слики што помагаат
Не од целата сала — од јадењето. И вистински слики, не од сток фотографии. Гостинот сака да види што ќе добие.
Три-четири добри слики вредат повеќе од дваесет просечни. И оптимизирани — сајт што се вчитува десет секунди на мобилен интернет е изгубен сајт.
Google профил — можеби поважен од сајтот
Повеќето луѓе ве наоѓаат преку Google Maps, не преку сајтот. Профилот со точно работно време, слики и одговорени рецензии носи повеќе гости отколку која било страница.
Сајтот и профилот работат заедно — линкот од профилот кон менито е најкористениот линк што ќе го имате.