Нема поскап баг од скршена кошничка: сообраќајот доаѓа, интересот постои, а нарачки нема. Еве го редоследот на проверка што го користиме кај клиенти.
1. Кеширање на кошничката (виновник бр. 1)
Кеш плагинот ја зачувува страницата и ја служи на сите — па кошничката изгледа празна или покажува туѓа состојба. Решение: исклучете кеширање за страниците Cart, Checkout, My Account. Во LiteSpeed Cache (на нашите сервери) има готова WooCommerce поставка; кај другите — рачно во исклучоци.
2. Конфликт со плагин или тема
Класичен тест: деактивирајте ги сите плагини освен WooCommerce, префрлете на стандардна тема (Storefront/Twenty), пробајте нарачка. Работи? Вклучувајте еден по еден додека не пукне — тогаш знаете кој. Тестирајте на staging, не на живо.
3. JavaScript грешка
Ако копчето „Додај во кошничка“ или „Нарачај“ не реагира: отворете ја конзолата (F12 → Console) и видете ја црвената грешка. Најчесто е стар плагин што се бие со новата верзија на Woo.
4. SSL и mixed content
Наплатата бара https. Ако некој ресурс се вчитува преку http, прелистувачот блокира — а купувачот гледа полупразна страница. Проверете го катанчето на страницата за наплата.
5. Задолжителни полиња и држави
Ако сте ја ограничиле продажбата на одредени држави, а купувачот е надвор — наплатата тивко откажува. WooCommerce → Settings → General → Selling location.
6. Ресурси на серверот
Наплатата е најтешката страница во продавницата. На преоптоварен споделен хостинг знае да истече време (timeout). Ако се случува во шпиц — тоа е знак за посилен пакет.
Правило пред сè
Правете ТЕСТ НАРАЧКА барем еднаш месечно, вие лично, како обичен купувач — до потврда на мејл. Половина од скршените кошнички ги откриваат клиентите наместо сопственикот.